Топ-100
Back

ⓘ Возач, филм од 2017. Возач - криминалистички филм од 2017 година, во режија и по сценарио на Едгар Рајт. Главните улоги во филмот ги играат Ансел Елгорт, Кевин ..




                                     

ⓘ Возач (филм од 2017)

Возач - криминалистички филм од 2017 година, во режија и по сценарио на Едгар Рајт. Главните улоги во филмот ги играат Ансел Елгорт, Кевин Спејси, Лили Џејмс, Еиза Гонзалес, Џон Хам, Џејми Фокс и Џон Бернтал. Заплетот го следи Бејби, вљубеник во музиката, кој е принуден да работи како возач за една криминална организација.

Возач бил нашироко издаден на 28 јуни 2017 година од Sony Pictures во светски рамки и од TriStar Pictures во САД. Во Македонија филмот започнал да се прикажува на 24 август 2017 година. Филмот добил критичко признание, со особени пофалби за сценариото, режијата, изведбата на улогите, саундтракот и акционите сцени, и бил вброен во најдобрите десет филмови за 2017 година од страна на националниот одбор за реценција на филмови. Возач имал комерцијален успех, заработувајќи преку 226 милиони долари на светско ниво, во споредба со буџетот од 34 милиони долари. Филмот добил бројни номинации, вклучително три номинации за Оскар на 90. доделување на наградите и тоа за најдобра монтажа на звук, најдобро миксање на звук и најдобра монтажа, две номинации за наградите кои ги доделуваат филмските критичари, две номинации за наградите БАФТА, како и номинација за Златен глобус за најдобар глумец во мјузикл или комедија за Елгорт.

                                     

1. Заплет

Бејби е возач за бегство после грабежи. Кога тој бил дете, неговите родители загинале во сообраќајна несреќа а тој добил зуење во ушите, кое го блокира со слушање на музика на своите ајподи. Tој пренесува групи на разбојници собрани од генијалецот за кражби, Док, за да го исплати долгот кој го има кон Док. Во слободното време, тој создава ремикси од делови од разговори кои тој ги снима, и се грижи за својот глув очув Јозеф. Тој се запознава со Дебора, која е келнерка и тие започнуваат врска.

Следниот грабеж во кој учествува Бејби тргнува наопаку откако вооружен сведок започува да ја следи групата која ја превезува Бејби, но тој успева да побегне од него и од полицијата. Отплаќајќи го својот долг, Бејби се трга настрана од криминални активности и се вработува како доставувач на пица. Додека Бејби е излезен на состанок со Дебора, Док инсистира тој да се приклучи на следниот грабеж на една пошта, заканувајќи се дека ќе ги повреди Дебора и Јозеф ако одбие.

Бандата се состои од опуштениот Бади, неговата сопруга снајперистка Дарлинг и силеџијата Батс, кој веднаш го замразува Бејби. Додека бандата се обидува да купи нелегално оружје за грабежот, Батс воочува дека дилерите на оружје се всушност полицајци и започнува да пука, убивајќи ги најголемиот дел од нив. Подоцна, Батс го присилува Бејби да вози до ресторанот во кој работи Дебора, незнаејќи за нивната врска, и ќе посака да ја убие неа, но Бејби успева да интервенира да не дојде до тоа.

Док, откривајќи дека дилерите биле полицајци на неговиот платен список, е бесен на неуспешниот договор. Тој се обидува да го откаже грабежот, но Бејби го убедува да продолжат по планот. Бејби се обидува да побегне таа ноќ, надевајќи се дека ќе ја собере Дебора и заедно ќе ја напуштат Атланта. Тој е запрен од Бади и Батс, кои ги откриле неговите снимки и мислат дека е доушник; кога тие и Док ќе ги слушнат неговите снимки, тие ќе се убедат дека тој е невин.

Во текот на грабежот Батс убива чувар. Разочаран, Бејби одбива да ја вози бандата, предизвикувајќи го Батс да го удри. Бејби ја судрува колата во арматура, која го прободува и убива Батс. Бејби, Бади и Дарлинг излегуваат од колата и бегаат од полицијата, која набрзо ја застрелува Дарлинг. Бади го обвинува Бејби за нејзината смрт и се заколнува дека ќе го убие. Бејби краде друга кола и бега до својот стан. Откако го остава Јозеф во дом за нега на стари лица, Бејби вози до ресторанот во кој работи Дебора за да ја собере, но таму го пречекува Бади. Бејби го застрелува Бади и бега со Дебора од полицијата која пристигнува на местото на настанот.

Бејби бара помош од Док, кој првично одбива да му помогне обвинувајќи го него за пропаѓањето на грабежот. Кога Док ќе воочи дека Бејби навистина ја сака Дебора, тој им дава пари и насоки за да излезат од земјата, кажувајќи дека тој исто така некогаш бил во љубовна врска. Преживеаните полицајци од неуспешниот договор за оружје се соочуваат со тројцата во гаражата, но Док ги убива сите. Бади потоа ги пречекува во заседа со украден полициски автомобил со кој го удира и убива Док. Бркотницата помеѓу Бади и Бејби завршува такашто Бејби го застрелува Бади во нога, кој паѓа од голема височина во гаражата и умира на лице место.

Бегајќи од Атланта, Бејби и Дебора се запрени од полициска блокада. Дебора е подготвена да се судри во полицијата, но Бејби ја спречува и се предава на полицијата, кажувајќи ѝ дека нејзе не ѝ е местото во светот на криминалот. На неговото судење, Јозеф, Дебора и неколку лица кои Бејби ги спасил за време на кражбите сведочат во негова корист. Бејби е осуден на казна затвор од 25 години, со право на сослушување за условна слобода по отслужени 5 години затвор. Тој добива разгледници од Дебора која ветува дека ќе го чека. Бејби на крајот излегува на слобода, пречекан пред затворот од Дебора, која го бакнува.

                                     

2. Улоги

  • Кевин Спејси како Док, мистериозен газда на банда на ограбувачи на банки и генијален криминалец
  • Џон Хам како Бади/ Џејсон Ван Хорн, поранешен банкар; чест член на бандата на Док
  • Си Џеј Џонс како Јозеф, глувиот очув на Бејби
  • Мајкл Балзари-Фли како Еди, член на бандата на Док
  • Лени Џун како Џеј Ди, член на бандата на Док
  • Еиза Гонзалес како Дарлинг/ Моника Кастељо, член на бандата на Док и сопруга на Бади
  • Џон Бернтал како Гриф, член на бандата на Док, кој подоцна го исмејува Бејби
  • Лили Џејмс како Дебора, млада келнерка и симпатија на Бејби
  • Џејми Фокс како Батс/ Леон Џеферосн, избувлив и бесен член на бандата на Док
  • Ансел Елгорт како Бејби, младо момче љубител на музиката кој работи како возач за бегство после грабежи за банда на ограбувачи на банки
                                     

3.1. Продукција Развој

Сценаристот и режисер Едгар Рајт го замислил филмот уште во 1995 година, кога живеел во Северен Лондон, откако ја слушнал песната "Bellbottoms" од бендот Jon Spencer Blues Explosion. Рајт замислил грабеж на банка и бркотница со коли во песната, сцена со која всушност започнува филмот. Тој ја прилагодил првата сцена која ја замислил за филмот во 2003 година во музички спот за песната "Blue Song" на Минт Ројал, во кој Ноел Филдинг игра улога на возач на група на ограбувачи на банки. Други инспирации за филмот, Рајт добил од филмовите Провалник на слобода, Пеколен бран, Касапски кучиња и Жештина.

                                     

3.2. Продукција Кастинг

Филмот бил објавен во јули 2014 година. До јануари 2015 година било објавено дека Ансел Елгорт е во преговори за да ја игра главната улога. На аудицијата од него се барало да синхронизира и да игра на песна по негов избор. Елгорт ја одбрал песната "Easy" од бендот Комодорс, песна која потоа Рајт ќе ја вметне во филмот.

За Ема Стоун и Мајкл Даглас се шпекулирало дека ќе бидат дел од актерската екипа во филмот. На 7 мај 2015 година, било објавено дека Лили Џејмс е во преговори за главната женска улога, келнерка и симпатија на ликот на Елгорт. На 8 септември 2015 година, било објавено дека Џејми Фокс е во преговори да се приклучи на актерската екипа. На 20 октомври 2015 година, Џон Хам потпишал да игра еден од негативците во филмот, поранешен банкар кој сега е дел од банда ограбувачи. На 3 ноември 2015 година, било објавено дека Кевин Спејси ја добил улогата на газда на бандата на ограбувачи. На 16 декември 2015 година, Еиза Гонзалес добила улога да игра сопруга на ликот на Хам. Џон Бернтал ја добил улогата на Гриф, уште еден член на бандата, на 23 февруари 2016 година.



                                     

4.1. Прием Заработка

Возач остварил заработка од 107.8 милиони долари во САД и Канада и 119.1 милиони долари во другите територии, за вкупна заработка од 226.9 милиони долари, наспроти буџетот од 34 милиони долари.

Во Северна Америка, Возач се очекувало да заработи околу 12–20 милиони долари од 3.150 кина во текот на првите пет на прикажување, со можност да заработи повеќе поради силните реценции. Во првите два дена на прикажување, филмот заработил девет милиони долари. На третиот ден од прикажувањето петок, филмот заработил 6 милиони долари, зголемувајќи ги петдневните проекции на 27 милиони долари. Филмот ги надминал очекувањата и во првите пет дена заработил 30 милиони долари, завршувајќи на второто место по големина на заработка, зад Подлиот јас 3 72.4 мил. долари. Ова било најдобро отварање на бокс-офисот во кариерата на Рајт, надминувајќи ја заработката од 10.6 милиони долари на филмот Скот Пилгрим против светот во 2010 година. Во вториот викенд на прикажување, Возач заработил 13 милиони долари пад од 36.7%, завршувајќи на третото место по големина на заработка, зад Човек-пајак: Враќање дома и Подлиот јас 3 ; во третиот викенд на прикажување филмот заработил 8.8 милиони долари, завршувајќи четврти. Возач бил повторно издаден во 1.074 кина на 25 август и заработил 1.2 милиони долари.